Најголемиот должник во Македонија нема имот за наплата, државата не може да наплати 14,87 милиони евра
Најголемиот должник на септемвриската листа на Управата за јавни приходи нема имот од кој директно би можел да се наплати долгот од речиси 15 милиони евра.
Станува збор за скопската компанија „Хант осој трејд“, која должи повеќе од 900 милиони денари, односно околу 14,87 милиони евра.
Според информациите на УЈП, компанијата не поседува движен или недвижен имот. Во тек се мерки за присилна наплата од парични средства, а утврдена е и даночна гаранција, по што се преземаат мерки за наплата од даночен гарант.
На второто место меѓу најголемите должници е скопската компанија „Окитна трејд“, регистрирана во Визбегово, додека меѓу трите најголеми должници се наоѓа и „Лисав“ од Скопје.
Кај трите компании, според податоците на УЈП, неплатените обврски се однесуваат исклучиво на данокот на додадена вредност.
На септемвриската листа на УЈП се наоѓаат вкупно 5.240 правни и физички лица, со вкупни ненамирени обврски од повеќе од 13,64 милијарди денари, односно околу 221,8 милиони евра.
Од нив, 2.008 се правни лица, а 3.232 се физички лица.
