Божиновска со органите во состав: Ревизорските наоди мора да добијат конкретен одговор и рок за реализација

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска одржа работен состанок со органите во состав и субјектите поврзани со Министерството, посветен на постапувањето по наодите и препораките од ревизорските извештаи.

На состанокот присуствуваа претставници на Агенцијата за задолжителни нафтени резерви – МАКОРА, АД МЕПСО, АД НОМАГАС Скопје и МЕМО, кои реферираа за наодите од ревизорските извештаи, досегашните активности и мерките што се преземени за надминување на констатираните состојби.

Фокусот на состанокот беше јасен – секој наод од ревизијата мора да има одговор, конкретна активност и рок за реализација.

Министерката Божиновска побара од раководствата на институциите и компаниите да презентираат што е направено по дадените препораки, кои активности се во тек, кои мерки допрва треба да се преземат и во кои рокови ќе бидат реализирани.

-Ревизорските извештаи не се документи што треба да се архивираат. Тие се јасен сигнал каде институциите треба да го подобрат своето работење. Од денеска инсистирам за секој наод да имаме конкретен одговор – што е преземено, што останува да се направи, кој е одговорен и до кога мора да биде завршено. Нема да дозволиме препораките да останат само на хартија, истакна министерката Божиновска.

На состанокот беше договорено институциите и субјектите да постапат по препораките на Државниот завод за ревизија и да ги презентираат преземените и планираните мерки, со јасно дефинирани рокови и одговорности за реализација на преостанатите активности. Органите во состав информираа дека веќе се превземени активности и дел од препораките се имплементирани, а интензивно ќе се работи на брзо постапување и по сите останати забелешки.

Министерството ќе воспостави систематско следење на реализацијата на ревизорските препораки, со редовно известување за степенот на исполнетост. На тој начин ќе се обезбеди институционална одговорност и континуирано следење на тоа дали и во кој рок се постапува по утврдените наоди.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе