Пејачката Селин Дион синоќа го одржа својот прв концерт во Париз, за време на кој одржа и трогателен говор за нејзиното враќање на сцената.
Легендарната пејачка настапи за прв пат во серија од 26 концерти во париската арена „Ла Дефенс“, со капацитет од 40.000 луѓе. Таа беше видливо емотивна додека го означи почетокот на својата прва голема серија концерти во живо откако откри дека се бори со ретко невролошко нарушување, објавува „Variety“.
„Си ветив дека нема да плачам“, им рече Дион на илјадниците обожаватели синоќа, на почетокот на концертот, за време на кој изведе хитови како „The Power of Love“, „Because You Loved Me“, „Pour que tu m’aimes encore“, „All By My self“, „I’m A live“ и „My Heart Will Go On“.
Зборувајќи за нејзиното враќање на сцената, таа рече дека „патот беше тежок“. Последен пат таа настапи во француската престолнина во 2024 година, на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Париз, што беше и нејзин прв настап во живо откако откри дека страда од Синдром на вкочанета личност (SPS).
„Патувањето траеше подолго од очекуваното, со непланирани запирања по патот. Но, јас истрајав. Во далечината, длабоко во планините, верував во слаб зрак светлина. И еве го. Сонцето, сонцето е тука. Сонцето е точно пред мене“, рече таа за време на паузата помеѓу песните.
Потоа додаде: „Ветив дека ќе се вратам на сцената. И еве ме, пеам за вас и пеам за себе, пеам во живо! Ви благодарам од дното на моето срце за вашата поддршка, трпение и, ако можам да кажам, јас сум сè што сум затоа што ме сакавте“.
Зборувајќи за борбата со болеста, Дион рече дека „живеејќи со неа ден по ден, таа почна да го прифаќа она што ѝ се случуваше“.
„Решив ова да биде моја причина за живот. Но, погледнете околу себе, сите околу вас, токму тука во оваа соба, не знаеме низ што поминува личноста што седи до нас. Некои луѓе минуваат низ тешкотии, тага и болка. Други зрачат со енергија и радост. Затоа, ајде да ја земеме таа енергија и да ја споделиме. За тоа служи музиката. Вечерва ќе пееме, танцуваме и славиме“, продолжи Дион.
Пејачката претходно отворено зборуваше за влијанието на болеста врз нејзиниот глас во документарецот „Јас сум: Селин Дион“.
Пред нејзиното враќање, Дион последен пат настапи во 2020 година во Њујорк. Минатата година требаше да оди на светска турнеја, но беше принудена да ги откаже сите закажани датуми поради нејзината здравствена состојба.
Синдромот на вкочанета личност (SPS) е нарушување кое влијае на мозокот и ‘рбетниот мозок и може да предизвика мускулна вкочанетост, проблеми со држењето на телото, сензорни нарушувања и болни грчеви.
