Струга, 23. август 2018
Синоќа, не брегот на Црн Дрим, со читањето на антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов на македонски и англиски јазик, како и со палењето на фестивалскиот оган, свечено започнаа 57-те “Струшки вечери на поезијата”.
Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, порача на отворањето Асаф Адеми, министер за култура во Владата на Република Македонија.
– Како министер – служител на културата во нашата земја сакам да ви ветам дека ќе дадам се` од себе ореолот да се врати на поетите и на писателите, наместо на институциите. Зашто човекот е извор на убавината заради која сме тука. Поголемото достоинство на поетите и писателите значи подобар свет, околу нас, ами и во нас, чунки како што говореше големиот Прличев: „тије се солта на општеството“. И онаму каде разумот остава рани, поезијата залекува. Онаму каде различностите знаат да поделат поезијата знае да создаде прекрасен мозаик, истакна министерот Адеми прогласувајќи ги СВП за отворени.
Првиот човек на Струшките вечери на поезијата, директорот Мите Стефоски во своето обраќање истакна дека никогаш досега толку многу бодликава жица не била употребена да се исцртаат граници.
– Меридијани опредметени со бодликава жица кои го оградуваа поетскиот простор. Бодликавата жица е симбол на поделеноста, врвна метафора на стравот, на отуѓеноста, на паранојата од другите, на заканувачкиот хаос кој демне од другата страна и не плаши. Таа е сведоштво за неспособноста да се комуницира, да се прифатат и разберат другите. Таа е симбол на нашиот пораз како човештво. Затоа, еве не тука во овој простор од кој поезијата како мали хартиени бротчиња ќе се упати ширум светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги гите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал, рече Стефоски.
На отворањето беше пуштен и краток видео запис со Ален Гинзберг на кој тој ја чита манифестната „Космополитски поздрави“ упатена на СВП во 1986 година, песна која никогаш не била прочитана на овој фестивал.
Традиционалното поетско читање „Меридијани“ започна со стиховите на годинашниот венцоносец, Адам Загајевски кој уште еднаш истакна дека добивањето на Златниот венец е огромна привилегија: читајќи ја листата на моите претходници како Неруда, Тадеуш Руќевиќ, Ален Гинсберг и останатите, чувствувам и мала несигурност, стравувајќи дека не можам да ги продолжам нивните чекори.
На „Меридијани“ учествуваа 30 поети од 29 земји од светот кои своите стихови ги читаат на мајчин јазик.
Егзилот – клучна годинашна тема на годинешниот фестивал
Лауреатот на Струшките вечери на поезијата Адам Загајевски, е во центарот на вниманието. Тој вчера, традиционално. засади дрвце во Паркот на поезијата.
“Ќе се онесвестев кога ја видов листата на добитници на наградата. Има легендарни поети, меѓу кои и неколку нобеловци.“ – вели Адам Загајевски.
Поезијата на Загајевски тесно е поврзана со клучната годинашна тема на фестивалот – егзилот.
„ Домот е нешто што ви е дадено само еднаш“, вели Загајевски, кој бил
протеран кога имал само 4 месеци, не се сеќавам на тој момент. Мојот цел живот е сеќавање на тоа што сум го изгубил заедно со другите што ги изгубија своите домови, села, градови. Кога ќе изгубите нешто на четири месеци значи дека кога ќе пораснете вие не сте дома. Тоа не е место што може да го наречете дом, ќе каже Загајевски.
Струшките вечери на поезијата ја преведоа и објавија поезијата на Загаевски на англиски, македонски и полски јазик, во капитално издание на 800 страници, најголемото до сега, посебно значајно за библиофилите. Загајевски е вториот полски поет добитник на Златниот венец по Тадеуш Ружевиќ 1987 години.
Директорот на фестивалот Мите Стефоски, додава дека оваа тема е присутна воопшто во историјата на книжевноста и во судбината на сите поети, од најстари времиња до денес. Егзилот е и сценографски концепт или визуелниот дел на фестивалот, потенцираше Стефоски.
Програмата на фестивалот продолжува денес во 10:00 часот со портрет на Михаил Ренџов, минатогодишен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, по што следува поетско читање со петмината поети кои влегоа во најтесниот круг за годинашната награда: Зоран Анчевски, Андреј Ал Асади, Јордан Даниловски, Јовица Ивановски и Сузана В. Спасовска.
Веле Митаноски