Кочани, 08.11.2019
Претставници на граѓанското движење за чист воздух во Кочани денеска се сретнаа со градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев. На средбата беа разменети мислења за состојбите и за активностите што се преземаат за да се подобри квалитетот на амбиенталниот воздух.
Градоначалникот Илијев го истакна ставот во врска со нивните барања и активности за чист воздух во Кочани.
– Сите сме за почист воздух! Се придружувам кон протестот на граѓанското движење, заеднички да се избориме за поздрава животна средина на начини во рамките на законските одредби и пропишаните надлежности – рече градоначалникот запознавајќи ги со конкретните мерки што континуирано се преземаат за да се спречи чадењето од Градската депонија.
– Вршиме површински третман на депонијата со земја којашто се вади од неколку градежни локации; наменивме 1,2 милиони денари за силиконско затворање на внатрешните жаришта и за спречување на чадењето на депонијата; вклучени сме во проектот за регионална депонија по европски стандарди, со што Градската депонија целосно ќе се затвори, а отпадот ќе се транспортира во регионален центар – истакна Илијев.
Се преземаат сет-мерки и против палењето на стрништата со: собирање на сламата за потребите на Пречистителната станица, со која ќе се произведува ѓубриво за посевите; подигање на јавната свест за штетите по животната средина и човечките добра од палењето на стрништата; поддршка за доследно изрекување казнени мерки за секој несовесен којшто ќе го пали стрништето да биде казнет, без селективност и компромиси; иницијатива за законски измени, по примерот на други држави – секој што ќе го спали остатокот на нивата по жетвата да не го следуваат субвенции.
Градоначалникот додаде дека е неопходно координирано дејствување со сите надлежни субјекти и со сите граѓани.
– Затоа субвенционираме греење на печки на пелети и на инвертер-клими – јавниот повик ќе биде објавен в понеделник – 11 ноември 2019 г. на веб-страницата на Општина Кочани; формиравме четири инспекциски тима со двосменска работа како дополнително засилување на општинската инспекција за животна средина и најавуваме дополнителен мониторинг на состојбата на воздухот во Кочани. Секојдневно инсистираме кај надлежните државни инспекторати совесно да интервенираат и да донесуваат соодветни решенија за фирмите со А и Б интегрирани дозволи, решенија коишто ќе бидат спроведувани. Со последното решение од Инспекторатот за животна средина на кочанска фирма ѝ е даден рок за поставување филтер на оџакот. Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули јавно соопшти дека во спротивно не ќе продолжи усогласувањето на нејзината интегрирана дозвола, којашто е во процедура во Министерството за животна средина и просторно планирање – информираше градоначалникот Илијев.
Претставниците на граѓанското движење за чист воздух во Кочани ги истакнаа иницијативите за кои тие сметаат дека се соодветни за побрзо справување со загадувачите на воздухот и го повикаа градоначалникот Илијев да се вклучи во протестот за чист воздух што ќе се одржи в сабота, на 9 ноември 2019 г. на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.