( Или: “Од она што паметниот се срами-бесрамникот се гордее!”)
Претседателот Иванов, денеска треба да му го додели мандатот на “победникот” од изборите, а тоа, сакал-неjќел, ќе биде Никола Груевски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ. Да не беше ситуацијата “змија или магаре”, Иванов-послушникот, ќе го направеше тоа уште првата ноќ, по стекнувањето на законската можност, немаше да го чека последниот ден!
Но, нејсе, денеска, во чест на предавањето на мандатот, ќе повторам еден мој фејсбук статус, од денешен ден, пред три години.Колку да му ја поткрепам државничката активност на нашиот Прецедател! “Разбира се”, како што велеше првиот и единствениот вистински претседател – Глигоров, уште еднаш да си припомнеме кој ни ја води државата, кој и како не претtставува (пресрамува!) во светот, кој доверува мандати за составување на нови влади!?
Од “даб свирче не бидува” – “тоа што не се прчело, не може и да се окози!”, велеше дедо ми Ангеле, Бог да му душа прости!?
Но, првин ќе почнам од “Република”, медиумот кој објавува новински чаршафи за мандаторот, подолги и од оние во времето на најтврдиот бољшевизам! Да не се чудите, ако можеби, по примерот на советската “Правда”, печати специјални примероци, во тиражод само еден број, разбира се, наменете – за драгиот водач!
Постарите колеги ќе се присетат на случката, веста, кога драгиот водач Мао Це Дунг, ја препливуваше реката Јан Це. Кога излегоа на другата страна од брегот, оној од обезбедувањето, изјави: “јас пливав на дваесетина метри зад водачот-водата беше совршено слатка!!!”.
Слатко е кога ќе се насмеете, ама горко е кога се смеете на својот грев, на својата срамота, на својата мака! И така “Република”, објави, демек, ексклузивна репортажа дека Георги Маљенков бил од Македонија, ни повеќе ни помалку – од Охрид, па дури и од семејството – Маленкови! Каква ли “референца” за Македонија, за Охрид, за…..!!!
А во градењео на оваа “референца”, во создавањето на маглата, верувале или не, се вклучи и шефот на нашата држава, правејќи од сатработ Маљенков “референца” за македонско-руските врски!!!И тоа среде Москва, на престижниот Универзитетот “Ломоносов”! За еден универзитетски професор, недозволено, срамно, речиси скандалозно!
Се сеќавате ли кога беше тоа. Наредниот ден, откако Никола му го “саморасипа” владиното авионче, Ѓоко и Маја седеа два часа, со намера да полетаат на Олимпијадата во Сочи, а откако авиончето не му го “самонаправија”, со редовен лет замина за Москва – колку толку да не му пропаднат планот и чаламот!
Во “Утрински Весник”, за тоа имам напишано сторија на една страница, која се потпира на историски факти.Овде ќе споделам една пократка моја изјава, дадена за 24 Вести, на денешен ден, “види мајката” (Н.Г), на денот на доделувањето на мандатот!Еве, ја и изјавата, дадена за 24 Вести, пренесена и од Охрид Њуз и други сајтови:
Невнимателна и штетна е изјавата на претседателот Ѓорѓе Иванов дадена во Русија за историските врски помеќу двете земји преку ликот и делото на Георгиј Маљенков, првиот премиер после Сталин, за кој се врзуваат историски контроверзи, смета новинарот и публицист Веле Митаноски. Тој во изјава за „24 Вести“ посочува кој всушност бил Маљенков и како на него гледа(л) светот.
„Претседателот Иванов им направи штета на нашата нација и држава, на Охрид посебно – Незнам од каде претеседателот Иванов ги црпел податоците? Кога јас истражував за Георгиј Маљенков, во прв ред, се потпрев врз податоците на францускиот автор Монтефјоре (Сајмон Сабиг), од неговата книга “Сталин-дворот на црвениот цар”. “Њујорк Тајмс” ја оценува за “…хроника на свирепоста и бездушноста”, а “Гардијан” за “најпрониклив приказ на сталиновиот режим” и “триумф на внимателното истражување”.
Не е мое да судам, мегутоа според моето скромно познавање на нештата, односно “случајот Маљенков” (за него имам пишувано во мојата книга “Рани спомени”), нашиот претседател направил голем превид и се послужил со слободна интепретација на факти, со што реално им направил штета на нашата нација и држава, на Охрид посебно.
Според контекстот на кажаното излегува дека ние Македонците треба да се гордееме, што ете, цитирам, “првиот премиер после Сталин во Советскиот сојуз бил Македонец од Охрид!”. За жал не е така. Додуша и самиот Лаврентиј Берија, на едно место, вели дека Маљенков бил од Македонија (која била и до каде била Македонија, тогаш!?) и ништо друго – како историска потврда.
Од друга страна, Ѓеорѓи Маленков не само што бил “прв премиер после Сталин”, туку бил и прв сатраб – колач, после Сталин! Да не заборавиме: на светско, глобално ниво, на врвот на негативните личности е Сталин, дури и пред Хитлер!
Ете, како, понекогаш, и патот до пеколот е поплочен со најдобри намери! Да се прави референца за Македонија и Македонците од еден Маљенков, навистина е голема заблуда, да не употребам потежок збор. Работите треба да ги гледаме во контекстот на нивното историско време. Денеска и самите Руси се срамат со некои личности и случувања од времето на бољшевизмот и гулазите во Сибир, каде биле убиени Руси во број можеби еднаков, или близок на оној од нивната татковинска војна против Хитлер.“, завршува изјавата за „24 Вести“.
Веле Митаноски