Апликацијата СкопјеБус: Во градските линии корисна, во приградските само „на туркање“

Пред три месеци ЈСП Скопје ја претстави новата мобилна апликација „SkopjeBus“ (СкопјеБус) која што требаше да го смени начинот на кој што се плаќа билет за возење во автобусите на јавниот превоз. Но, и по три месеци постоење на новата апликација и функцијата на новите уреди кои што се достапни во автобусите на ЈСП, модернизацијата е делумно функционална.

На 27.02.2025 Мета.мк направи целосно тестирање на апликацијата од инсталација до користење, проверивме што таа нуди, колку е функционална и квалитетна. Тестирањето го направивме со возење во приградски автобус број 53 од Петровец до Транспортниот Центар. Решивме дека ќе се возиме само со помош на апликацијата СкопјеБус, но сепак заклучокот не беше задоволителен.

За воља на вистината, процесот на инсталирање на апликацијата е лесен и едноставен. Може да се најде на AppStore за iOS и на PlayStore за Andorid уредите. Апликацијата ви нуди да креирате профил преку вашиот телефонски број, мејл адреса, или со профилите од социјалните мрежи.

Фото: СкопјеБус апликација и креирање профил, Мета.мк

Апликацијата нуди опција за целосно електронско плаќање на билет со скенирање на QR код кој што се прави со новите уреди во автобусите на ЈСП. Тоа може да се стори со помош на дополнување на вашиот електронски паричник, или ако купите билет за што има повеќе опции:

  1. Билет за 10 возења градски линии,
  2. Билет за 10 возења сите линии,
  3. Билет за 7 дена Градски линии,
  4. Билет за 7 дена сите линии,
  5. Месечен билет градски линии, и
  6. Месечен билет сите линии.  

За сега, нема промена во цените на билетите. 

СкопјеБус иако е апликација која што е целосно наменета за градскиот превоз, има многу лоши страни кои што се многу битни. Првично е тоа што апликацијата нема целосен возен ред, односно распоред на поаѓање и пристигнување на автобусите. Единствено во моментот кога ќе ја отворите апликацијата можете да гидите кога доаѓа следниот автобус на вашата станица. Можете да одберете вие кое време сакате да започнете со вашето патување, но целосен и прегледен распоред нема.

Фото: СкопјеБус апликација – формирање на рута од Петровец до Веро Џамбо, Мета.мк

Постојките во центарот на градот се сите достапни, но приградските постојки кои што се надвор од градот, многу е поттешко да се најдат, и всушност неколку автобуски станици се сметаат како едно место. Специфично тестиравме автобуски постојки од Петровец, каде неколку автобуски постојки се прикажани како една во центарот на населбата.

Надополнивме електронски паричник, и тргнавме на нашето патување во 11:55 часот попладне. Уште на стартот на патешествието од Петровец до Транспортен центар со автобусот со број 53, првата глетка со која што се соочивме беа валканите автобуси. Прозорците, подот, внатрешноста, седиштата, сето тоа беше во лоша состојба од аспект на хигиена.

Добрата страна е во тоа што во тој автобус беа вградени новите апарати за плаќање билети со помош на скенирање на QR код, или со картичка „Скопска“. Сè уште не се доволно модерни да може да се плаќа со кредитини/дебитни картички како низ многу европски земји. Но, изгледа дека и добрата страна не трае долго, односно функционира само во градските линии.

Фото: СкопјеБус апликација – QR код за скенирање при возење, Мета.мк

„Не пробувајте залудно, скенерот не работи. Се возам уште од првата постојка, и секој кој што сака да скенира QR не може да го стори тоа бидејќи не работи скенерот. Морав да си платам со Скопска картичка, а ќе треба и вие да го сторите истото изгледа“, ни рече еден патник при нашиот обид за возење само со помош на апликацијата. Бевме сведоци дека во овој автобус скенерот на новиот уред во автобусот на ЈСП не работи.

Истиот тој патник го прашавме дали до сега го имал истото лошо искство со автобусите на ЈСП и нивните нови уреди. Ни одговори оти секојдневно ги користи услугите на ЈСП и тоа и на приградските и на градските линии.

„Секојдневно прво се качувам во приградски автобуси од Петровец, некогаш во број 52 некогаш во број 53, а потоа се префрлам во градски автобуси во броевите 5, 15 или 22. Многу ми е драго што можам сега лесно да скенирам QR код и да се возам. До сега никогаш сум немал проблем со градските автобуси, но неколку пати се соочив во приградските да не работи QR скенерот, и со мене цело време носам Скопска картичка за вакви ситуации“, ни рече патникот.

Иако во предизборната кампања на градоначалничката Данела Арсовска, таа најави набавка на 250 нови еко-автобуси, тоа речиси до крајот на нејзиниот мандат, кој завршува во октомври годинава, сè уште не е исполнето. Рака на срце, вината за неисполнувањето не е само кај градоначалничката туку и во Советот на Град Скопје, каде мнозинство има владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но присутни се и СДСМ, Левица, и други помали политички партии.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе