Штип, 21.07.2023
По седум години престој и работа во зградата на Текстилното училиште, во делот кој беше доделен на Универзитетот „Гоце Делчев“, Центарoт за традиционална кинеска медицина се сели во зградата на поранешниот Здравен дом кој е веднаш зад зградата на општината.
-Ние веќе си го собравме целокупниот инвентар и го ослободивме просторот, а сега сме во исчекување на согласноста од Владата без која согласност ние не можеме да ја смениме адресата на која (ќе) функционираме во иднина. Тоа е така бидејќи нашиот центар е основан од Владата на нашата држава и само основачот може да ја смени адресата, вели Мартин Каровски, директор на оваа установа.
Во моментов шестчлениот персонал на овој Центар е на колективен годишен одмор. Откако ќе дојде согласноста од Владата ќе се пристапи кон реновирање, односно уредување на просторот кој, во иднина, ќе го користи оваа институција.
-За нашата работа да можеме квалитетно да ја работиме потребни ни се околу 50 метри квадратни простор. Во стариот Здравен дом доделен ни е делот во кој порано беше сместена аптеката, и тоа по големина е простор кој нам сосема ни одговара, коментира директорот Каровски.
Овој Центар има три дејности. Првата дејност е апликативна, односно работа со пациенти, втората е научно-истражувачка која опфаќа соработка на дел од вработените со Универзитети кај нас и во Бугарија, а третата е од едукативен карактер наменета за студенти и средношколци.