Двајца загинати откако мексикански воен брод удри во Бруклинскиот мост

Две лица загинаа, а 19 се повредени, откако висок тренинг брод на мексиканската морнарица се удри во потпорниот столб на Бруклинскиот мост во Њујорк, јави Би-Би-Си. Бродот „Куаутемок“ (Cuauhtémoc), на кој имало 277 лица, останал без струја додека капетанот маневрирал во близина на мостот, соопшти њујоршката полиција.

Според снимките од местото на несреќата, високите јарболи на бродот го закачиле мостот, а делови од нив се скршиле и паднале на палубата, при што биле повредени членови на екипажот кои стоеле на нив. Двајца членови на екипажот починале, а две лица од повредените се во критична состојба, потврди градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс.

Несреќата предизвикала паника на обалата кај Бруклин, каде сведоци велат дека имало вресоци и морнари кои виселе од срушените јарболи. „

Само што излегов од работа, слушнав врева и видов хаос – пожарникари, полиција, и луѓе кои носеа носилки“, изјави за Би-Би-Си очевидецот Келвин Флорес.

Бруклинскиот мост не претрпел сериозни оштетувања и е повторно отворен по првичната инспекција.

Морнарицата на САД потврди дека „Куаутемок“ ги загубил сите три јарболи, но сите лица биле евидентирани и никој не паднал во водата. Бродот подоцна бил извлечен од местото на несреќата.

Бродот, долг 91 метар и широк 12 метри, првпат испловил во 1982 година и секоја година се користи за финална обука на кадети по завршување на класите на воено-морското училиште во Мексико. Оваа година, бродот испловил од пристаништето Акапулко на 6 април и планирал да пристигне во Исланд.

Според податоците, јарболите на бродот биле високи 48,2 метри, додека дозволеното растојание за минување под мостот е 41 метар што укажува на веројатна грешка во процената или навигацијата.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум изрази длабоко жалење за загубата на двајца членови на екипажот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press