Новинарките Јордановска и Јаневска добија пофалница „Никола Младенов“ за серија написи на Мета.мк на тема семејно насилство
Meри Јордановска и Антонија Јаневска, се добитнички на пофалница на годинашното доделување на новинарските награди „Никола Младенов“, за истакнат новинарски ангажман во категоријата „Најдобра истражувачка сторија“. Новинарките се наградени за серија написи на тема семејно насилство, кои Мета.мк ги објави минатата година, а кои открија многу детали за случаите на семејно насилство во земјата. Меѓу другото беше објавено дека во последните 4 години, повеќе од 90 отсто од насилниците се мажи, а жртвите најчесто се жени, поточно сопруги или мајки. Во овој период биле убиени 22 лица во случаи на семејно насилство, а сторителите ретко завршуваат во затвор.

Годинашните добитници на награди и пофалници „Никола Младенов“. Фото: Мета.мкTимот новинари од емисијата „КОД“ ја доби првата награда за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2024“, за серијалот истражувачки стории за тендерите во енергетскиот сектор, објавени на ТВ Телма. Истражувањето на тимот на „КОД“ обелоденува сериозно коруптивно постапување на државните институции при спроведување на тендери и набавки во енергетскиот сектор во милионски износи.
Втората награда за Најдобра истражувачка сторија ја доби новинарот Петар Клинчарски за серијалот текстови за Државна лотарија, објавени на веб-порталот на Радио Слободна Европа. Авторот Клинчарски, преку серија текстови открива незаконско постапување во Државна лотарија при закуп на нов деловен простор и тендерите што ги спроведуваше акционерското друштво во време на поранешниот директор.
Тимот на Истражувачката репортерска лабораторија ја доби третата награда за Најдобра истражувачка сторија за истражувањето „Украдени животи“, емитувано на МТВ1 и на веб-порталот на ИРЛ. Сторијата „Украдени животи“ разоткрива измами со брзи кредити, откако лични податоци на граѓаните протекле од државни институции и биле злоупотребени од организирани криминални групи од Македонија, Косово и Бугарија. Истражувањето прецизно ги отсликува последиците од потфрлањето на институциите да се обезбеди ефикасен надзор врз работата на финансиските друштва во земјата.
Наградата за најиновативен новинарски производ ја делат тимот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за новинарскиот проект „Мобилна редакција: Кичево“ и новинарките од емисијата „КОД“, Марија Митевска и Снежана Лупевска Созен, за видео сторијата посветена на обвинението за грабнувањето и убиството на малата Вања. Наградата за Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерот Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на метеори“, објавена во германскиот магазин „Штерн“.
Пофалници за истакнат новинарски ангажман во категоријата Најдобра истражувачка сторија, освен Јаневска и Јордановска од „Мета.мк“, им беа доделени и на Мирослава Симоновска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, како и на Александар Методијев и Сузана Мицева.
На годинешниот конкурс што беше објавен на 22 јануари и траеше до 17 февруари 2025 година пристигнаа: 36 стории обработени во 185 текстови/видео прилози во категоријата Најдобра истражувачка сторија, 5 теми обработени во 12 текстови/видео прилози во категоријата Најиновативен новинарски производ и 16 фотографии во категоријата Најдобра репортерска фотографија. Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот Фокус, Никола Младенов кој прерано го загуби животот.