ЗНМ: Македонија „падна“ за шест места во „Репортери без граници“, време е за реформи

Во најновиот извештај на „Репортери без граници“ (RSF), Македонија бележи пад од шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година и се рангира на 42 место. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) смета дека ова е јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите.

„ЗНМ го смета извештајот за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи. Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари. Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција“, пишува во соопштението на ЗНМ.

Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.

Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија. Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.

„Овие наоди се јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Клучните приоритети треба да бидат – усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), да се формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, ефикасно да се решавааат сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град, како и да се воведат правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста“, сметаат во ЗНМ.

Политичарите, според нив, посебно оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите.

„Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста’, сметаат во ЗНМ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press