ЗНМ: Пријава против Миленко Неделковски за говор на омраза кон новинарите на Метаморфозис
Од Здружението најавија дека ќе поднесат пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР со барање да се преземат итни мерки против ширење на говор на омраза и нетрпеливост кон новинарите што се дел од трите медиуми на Метаморфозис – Мета.мк, Порталб.мк и Вистиномер.мк
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека го осудува грозното етикетирање, навреди и ширењето говор на омраза од страна на лицето Миленко Неделковски кон новинарите од Фондацијата Метаморфозис.
Неделковски во својата видео објава на Јутјуб насловена како „факт чекирања на фак чекерите“ продолжи со негативната практика на етикетирање и ширење на говор на омраза.
„Тој освен недолични коментари и навреди, во оваа објава споделува и фотографии од колегите новинари и се користи со зборовите ‘сатрапи, гноеви, гнидите, чировите кои крварат во земјава, дека биле поставени таму за да не се дознаела вистината…’. Ваквите агресивни наративи ги доведуваат во ризик вработените во Метаморфозис за што се аргумент и недоличните коментари на објавата кои се толерирани од страна на авторот“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Од Здружението најавија дека ќе поднесат пријава до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР со барање да се преземат итни мерки против ширење на говор на омраза и нетрпеливост кон новинарите што се дел од трите медиуми на Метаморфозис – Мета.мк, Порталб.мк и Вистиномер.мк.
Од ЗНМ укажуваат дека ваквиот начин на јавна комуникација од страна на Миленко Неделковски не е нов и дека со ваквата пракса, доколку остане неказнета, може да поттикне нетолеранција и дискриминација.
„Оваа објава на Неделковски е дел од очигледно организираниот напад на Метаморфозис која веќе трае извесен период на социјалните мрежи каде се таргетирани сегашните и поранешните вработени. На овој начин се изложуваат на ризик и закани по личната безбедност на вработените во оваа организација, а тоа може да доведе и до други кривични дела од омраза како и насилство кон новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ.
Од таму потсетуваат дека Основниот кривичен суд веќе има позитивна судска пракса со условни казни затвор кон сторители кои претходно имаат објавувано заканувачки пораки и ширење на говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук, а по претходни пријави од страна на здружението.