ЕВН реализира проект за заштита на царскиот орел

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

ШТИП – Со поставување пластични изолатори на 100 среднонапонски далеководи, од кои најголем дел во Овчеполието, ЕВН Македонија прави голем исчекор во заштита од струен удар на ретките птици , а пред се на Царскиот орел. Во таа смисла вчера во Овче Поле, покрај автопатот Велес-Штип, екпипа на ЕВН електродистрибуција постави пластични изолатори на постојниот далновод.

„Проектот има за цел намалување на смртноста на птиците во овој регион, пред се на Царскиот орел кој во нашава држава најмногу го има на ова подрачје. Овој важен проект ЕВН го реализира заедно со граѓанската организација „Аквила“ од Кавадарци која ги донираа изолаторите, а ЕВН ја обезбедува целосната логистика“, рече Атанас Ковачев, портпароп во ЕВН.

 

Екипи на ЕВН во заштита на Царскиот орел
Екипи на ЕВН во заштита на Царскиот орел

Царскиот орел кој со распонот на крилата достигнува и до два метри е редок жител на балканските простори. Емануел Лисичанец, претседател на „Аквила“ вели дека оваа ретка птица на Балканот најмногу ја има во Македонија, а 75 проценти од неа живее и се храни во Овчеполието.

„Орлите се степски птици а Овчеполието е типично степско подрачје. Во државава годинава изброивме 35 парови на Царски орел. Од кои 26 се во овој регион. Сакам да кажам дека во таа смисла одиме напред, зашто кога пред 13 години започнавме да се грижиме за оваа извонредна птица имавме избројано  само 17 парови. Oткако си ја презедовме грижата за него, царскиот орел повеќе не е на мета на несовесни ловци“, ни изјави Лисичанец.

Кај локалното население во Овчеполието постои верување дека токму Царскиот орел ги штити  нивните ниви од град и временски непогоди. –„Да, ние не само што веруваме туку од искуство знаеме дека царскиот орел ни ги штити плодните ниви од невреме. Имено, ако над Овчеполието се појават градоносни облаци, царскиот орел лета кон нив и со моќните крила ги распарчува па наместо град добиваме дожд. Орелот тоа го прави за да си ги заштити младите, а ние секоја година сме сведоци на таа појава. И затоа царскиот орел го заслужува сето наше внимание и почит“, вели Верка Јорданова, која работеше на семејните ниви засеани со разни житни култури во овој дел на Овчеполието.

Лисичанец вели дека се исклучително задоволни од односот на ЕВН кон птиците,а посебно кон заштитата на царскиот орел. –„Тие се посветија на една исклучителна грижа за птиците и царскиот орел кој поради своите големи крилја најмногу страда од струен удар. Тоа е од големо значење за зачувување и за зголемување на бројот на парови на царскиот орел кој е најголемиот убавец на нашето небо“, коментира Лисичанец.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе