Штип, 09.08.2018
На педесеттина до сто метри од поранешното оморалиште на планината Плачковица од штипска страна се сече шума на што од група граѓани добивме писмена реакција. Во реакцијата стои:
„Сакаме да ве информираме дека во близина на поранешното детско одморалиште на планината Плачковица, а сега објект на УГД, се врши масовна сеча на шумата. Цела недела тука не дошла инспекција или луѓе од шумското стопанство „Серта“ да видат кој и за што сече, дали е по закон или се работи за злосторство врз шумата и планината. Молиме како читан портал да го истражите случајот и правилно да ја информирате јавноста“, ни напишаа овие граѓани при што во прилог ни испратија и фотографи од теренот.
За да се дојде до вистината мора да се прашат сите страни инволвирани во еден случај. И во оваа прилика постапивме така.
„Tочно е дека на тој потег имаме планска сеча на дрва за огрев. Практично, на тој дел имаме три оддели на кои се сече шума за граѓаните да се обезбедат со огревно дрво за претстојната зима“, ни изјави Благој Анчев, директор на ШС „Серта“.
Анчев додава дека фирмата која е на терен во планината на тендер ја добила дозволата за сеча на локација на која на ШС „Серта“ согласно законот и е дозволено да ја експлоатира шумата.
„Ништо во случајов не е надвор од законот. Се сече букова шума која потоа брзо се обновува, но ние истовремено пошумуваме разни предели со бор. И над селото Селце имаме наша шума но таму за сеча дозвола имаат селаните кои си плаќаат за можноста на таков начин да се снабдат со дрва“, вели Анчев.