Што ми фали во OMЦ „Киро Глигоров“?

Штип, 23.07.2018

Штип, родното место на Киро Глигоров мошне достоинствено се оддолжи на познатиот политичар од југословеско време и прв претседател на самостојна Република Македонија. Советот на општината донесе одлука за именување на Општинскиот мултимедијален центар во ОМЦ „Киро Глигоров“. Во овој центар пред една недела, беше отворена спомен собата на Глигоров.

Настанот беше мошне убав и пријатен, убави говори во чест на Глигоров имаа премиерот Зоран Заев и градоначалникот Благој Бочварски, во спомен собата вкусно се поместени предмети кои му припаѓале на покојниот претседател, писма, книги, работно биро, клавир, многу фотографии од неговото политичко дејствување како во поранешна Југославија чија федеративна единица беше и Македонија, исто така и од времето кога во два мандата ја извршуваше највисоката државна функција-претседател на Македонија.

Но, во овој убав простор во кој секој посетител има средба со важен дел од историјата на Македонија, недостигаат две големи мисли. Едната од нив е мисла која ја дефинира Македонија како наша единствена татковина, втората мисла Гандиевски, со која Киро Глигоров само се потврдува како светска личност која излезните решенија и за најкрупните државни проблеми ги бара и наоѓа по пат не ненасилни методи.

Лично ценам дека тие две мисли задолжително треба да стојат на објектот кој го носи неговот име.

Првата мисла е:  „Македонија ни е се што имаме“

Втората, Гандиевска:  „Ова куп старо железо не е вредно за ниту еден загубен човечки живот“.

 (Oдговор на оние сили во Македонија кои при повлекувањето на ЈНА од нашата држава, на почетокот од деведесеттите години, повикуваа на напаѓање на колоните возил на ЈНА при нивното повлекување што, ако се случеше, ќе доведеше до големо крвопролевање и губење на илјадници човечки животи).

 Една од најзнаменитите мисли на Махмата Ганди кого цел свет го почитува како татко на решавањето на конфликтите по пат на ненасилни методи е:

Се противам на насилството, затоа што кога изгледа дека прави добро, доброто е само привремено; злото кое го предизвикува е постојано.

Тоа беше и животното мото на нашиот прв претседател Киро Глигоров.

Одтука, мојот предлог е знаменитити мисли на Глигоров, цитирани во овој текст, да се стават на ѕидот од влезот во Мултимедијалниот центар, за секој кој влегува во него, или минува одтаму, веднаш да свати и да знае за каква историска личност се работи.

Мислам дека Глигоров го заслужува тоа и дека е тоа наша обврска кон него.

                                                                        Иван Бојаџиски

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе