Источниот регион може да биде видлив и препознатлив – по квалитет, автентичност и јасна туристичка приказна

Дафинка Муцунска-Дина, доктор на науки по туризам

Штип, 13.02.2026

Дафинка Муцунска – Дина е доктор на науки по туризам, со повеќе од две децении активно професионално искуство во туризмот, угостителството и одржливиот локален и регионален развој. По формално образование таа е и магистер по маркетинг менаџмент и дипломиран археолог и историчар на уметност, што и овозможува туризмот да го гледам не само како стопанска гранка, туку како интеграција на културното наследство, природните ресурси, економијата и луѓето. Муцунска веќе 22 години е генерален менаџер на Хотел Манастир во Берово – објект кој од самиот почеток се развиваше како пример за одржлив, автентичен и одговорен туризам. Паралелно со менаџерската улога, долги години работи како консултант, проектен координатор, фасилитатор и предавач во бројни проекти, финансирани од различни донатори, со фокус на одржлив туризам, рурален развој, зелена транзиција и зајакнување на локалните заедници.

Таа е и активно вклучена во граѓанскиот сектор како основач и претседател на локални организации, како и член на управни и извршни тела на национални институции и асоцијации поврзани со туризмот, стопанството и родовата рамноправност. Во текот на својата кариера работела и на креирање стратегии, туристички производи, едукативни програми и регионални развојни концепти, особено во Источна Македонија. Со Дафинка Муцунска – Дина разговараме за туризмот, неговиот развој и неговите регионални предизвици.

Г-ѓа Муцунска, туризмот насекаде во развиениот свет е значајна стопанска гранка, како Вие како доктор по туризам гледата на односот на државата кон оваа стопанска гранка?

Во земјите каде што туризмот е силна стопанска гранка, тој се развива како системска и долгорочна развојна политика. Туризмот таму ги поврзува просторното планирање, инфраструктурата, културата, заштитата на природата, образованието, локалниот економски развој и угостителството, со јасно дефинирана улога на државата – да обезбеди стабилна рамка, визија и институционална поддршка, додека реализацијата се одвива преку приватниот сектор и локалните заедници.

Во Македонија, искуството покажа дека развојот на туризмот преку поединечни иницијативи и проекти има ограничен домет. За посериозен исчекор неопходен е интегриран пристап заснован на управување со дестинации, каде што сите елементи на туристичката понуда функционираат како поврзан и координиран екосистем. Кога фокусот е ставен на дестинацијата, резултатите стануваат видливи, мерливи и одржливи.

Особено значаен сегмент е човечкиот капитал. Доколку туризмот го третираме како стратешка гранка, тогаш луѓе со мерливи резултати во пракса – економски, културолошки и во рамки на локалните заедници – треба активно да бидат вклучени и во институциите и во високото образование. Квалитетното образование во туризмот и угостителството е клучно за создавање идни генерации кои ќе можат да управуваат со сложени и динамични туристички системи.

Македонија располага со сериозни туристички ресурси, а Источниот регион има посебен потенцијал за развој на одржлив, рурален, културен и активен туризам. За нивна целосна валоризација потребни се професионализирани институции, вистински партнерства меѓу државата, локалните заедници и приватниот сектор и јасна развојна насока. Туризмот не се случува сам по себе – тој се планира и се гради со време, но кога тоа се прави системски, резултатите се стабилни, видливи и долгорочни.

Долги години во нашиот Источниот плански регион се дебатира за туризмот и неговиот развој, но некои посериозни обиди позитивно да се влијае на таа стопанска гранка до сега не се видени

На Источниот регион не му недостасува потенцијал, туку системски пристап. Берово и Малешевијата, Пониква, Голак, руралниот, верскиот и археолошкиот туризам располагаат со сериозни природни и културни ресурси, но тие најчесто функционираат изолирано, без да бидат поврзани во јасна, кохерентна и управувана туристичка приказна.

Со години туризмот се развиваше преку поединечни иницијативи и проекти, наместо преку управување со дестинации. Имаме атракции и одредени туристички производи, но недостигаат заокружени пакет-понуди; имаме промоции, но тие често се општи и недоволно поддржани со конкретна и подготвена понуда на терен; имаме добри индивидуални примери, но тие ретко се надградуваат во регионален модел. Денешниот турист не доаѓа само за една локација – тој бара активно и целосно искуство: лесен пристап, јасна програма, сместување, гастрономија, активности и содржини преку целата година, а Источниот регион има капацитет тоа да го понуди.

Дополнителен предизвик е сезоналноста и недоволната диверзификација на понудата. Пониква, на пример, сè уште претежно се перципира како зимска дестинација, иако има силен потенцијал за активен, еко и рекреативен туризам во текот на целата година. Слично е и со археолошките локалитети, кои постојат како поединечни точки, но ретко се интегрирани во редовни туристички рути со водство, интерпретација и јасна комерцијална логика.

Клучен предизвик е и човечкиот фактор. Недостига системско вклучување на луѓе со практично искуство и мерливи резултати во планирањето и управувањето со туризмот, како и посилна поврзаност меѓу образованието и реалната пракса. Без тоа, тешко се гради професионална, квалитетна и одржлива туристичка понуда. Кога туризмот ќе почне да се третира како целосен систем, Источниот регион ќе има реална можност да изгради препознатлива и конкурентна туристичка приказна.

Развиените земји својот економски, а со тоа и социјален успех го темелат на искористување на природните ресурси со кои располагаат, како е тоа кај нас?

Во развиените земји, на природните ресурси не само што се гледа со голема грижа и одговорност, туку тие системски се мапираат, анализираат и валоризираат, а потоа преку внимателно планирање, интерпретација и одржливо управување се вклучуваат во туристичката понуда. Таму туризмот се развива врз основа на реални податоци за носечкиот капацитет на регионите и дестинациите, сезоналноста, достапноста и локалната економска корист. Особено во Источниот регион, природните ресурси – планините, шумите, водите, биодиверзитетот – нудат можност за развој на одржлив, активен и рурален туризам со висока додадена вредност. Но за тоа е потребен поодговорен пристап: прво да се направи реална проценка на ресурсите и нивните ограничувања, потоа да се дефинираат конкретни туристички производи, и дури потоа да се оди кон промоција и пазарно позиционирање.

Долго време сте во оваа приказна, долго време раководите со познат и прифатен од луѓето туристички капацитет, а тоа е хотелот Манастир во Берово, што Ви велат вашите гости за нивото на туристичката понуда на Малешевијата…

Гостите кои доаѓаат во Малешевијата најчесто се искрено воодушевени од природата, шумите, мирот, климата и автентичноста на регионот. Чистиот воздух и сплетот на природни и културни вредности се нешто што денес ретко се наоѓа, и токму тоа е главната причина зошто многумина повторно се враќаат. Многу позитивно го оценуваат и гостопримството, личниот пристап, како и квалитетот на сместувањето и услугата. За однапред организирани групи со водич, нудиме интересна понуда – различни тематски тури, посети на локални занаетчии, агротуризам, гастрономски и фолклорни искуства, како и активности во природа. Меѓутоа, кога станува збор за индивидуалните гости кои сакаат самостојно да си го организираат престојот, тие често се соочуваат со недостиг на јасни информации, обележани и одржувани рути и подготвени содржини со кои би можеле квалитетно да го исполнат времето. Тоа укажува на недоволно структурирана туристичка понуда за овој тип посетители.

Хотел Манастир генерално функционира како чувар на македонската, а особено на малешевската традиција, што за гостите претставува автентично и незаборавно „времеплов“ искуство, а не само престој.

Една од најсилните страни на Малешевијата, што гостите постојано ја истакнуваат, е гастрономската понуда. Уште од самиот почеток на концептот на Хотел Манастир, во 2004г., се определивме за принцип на исклучиво локална и традиционална кујна, подготвена од локални и еколошки намирници, кое на наша радост успеавме да го наметнеме како стандард за целокупната понуда на дестинацијата. Хотел Манастир генерално функционира како чувар на македонската, а особено на малешевската традиција, што за гостите претставува автентично и незаборавно „времеплов“ искуство, а не само престој.

Пониква?

Зимскиот туризам заснован исклучиво на снег, поради климатските промени, денес е сè понепредвидлив – не само кај нас, туку и во цела Европа. Поради тоа, нереално е источните планински подрачја долгорочно да ја темелат својата туристичка економија исклучиво на зимската сезона. Нивната реална перспектива е токму во развојот на целогодишен туризам, за кој постојат одлични предуслови: активен, еко и рекреативен туризам преку пешачење, планински велосипедизам, престој во природа, како и гастрономски и културни искуства.

Од Вашето искуство во оваа област што најмногу бараат домашните, а што странските гости?

Од моето искуство, домашните гости најчесто бараат краток одмор во природа, мир, добра храна и лесно достапни активности – викенд престој, рекреација, гастрономија и семејни содржини. Странските гости, пак, се повеќе заинтересирани за автентични искуства: локална култура, традиција, историја, организирани активности и јасно раскажани приказни за регионот што го посетуваат. Археолошките локалитети како Баргала, Мородвис, Виничко Кале и Стамер имаат исклучителна вредност и би предизвикувале голем интерес кај странските гости, но во моментов тие се недоволно вклучени во туристичката понуда. Кога овие локалитети би биле интегрирани во тематски рути, со стручно водство и поврзани со гастрономија, локални приказни и активен престој, тие би можеле да станат силен сегмент на туристичката приказна на Источниот регион. Потенцијалот постои – потребен е системски пристап за тој потенцијал да стане реална туристичка вредност.

Имаме ли ние систем на промоција на националниот туризам?

Државната поддршка за промоција на туристичките можности постои, но во најголем дел таа е проектна, повремена и фокусирана на општа, национална и регионална промоција. Она што недостига е посилна и континуирана координација меѓу државата и општините, како и јасно усогласување на промотивните активности со реално подготвена, заокружена и достапна понуда на терен.

Во пракса, значителен дел од промоцијата паѓа на товар на приватните компании и локалните чинители. Тие инвестираат сопствени средства, време и креативност за да го направат регионот видлив, често преземајќи улога што би требало да биде споделена со институциите. Тоа покажува голем ентузијазам и посветеност, но не е одржлив модел доколку остане единствен двигател на промоцијата.

Ефективната промоција не треба да се сфати само како маркетинг, туку како дел од поширок развоен процес. Со таков пристап, Источниот регион не само што ќе биде видлив, туку и препознатлив – по квалитет, автентичност и јасна туристичка приказна.

Иван Бојаџиски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press