За Симон Трпчески, концертот на штипското Музичко училиште, огромниот букет цвеќе и малиот трн во него и за куририте во македонското новинарство
Штип, 19.01.2020
Разноразни портали од курирска насока денови изнапишаа куп срцепарателни текстови за Симон Трпчески и неговата критика за студената сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип. Куририте кои не беа и никогаш не биле на ниту еден ваков концерт, новинари и „новинари“ кои ни не знаат дека во Штип постои Музичко училиште кое прави светски концерти пред крајот на секоја година, а кои концерти ги проследуваат над 1.400 гледачи во Штип и уште 400 во Радовиш, ги наострија перата и се нафатија да пишуват критики за најволшебната штипска ноќ.
Со оглед на фактот дека речиси и не пропуштам настан од областа на културата, а посебно не сум пропуштил ниту еден концерт на Музичкото училиште, седнав и јас да напишам и објавам нешто во врска со сета таа „афера“ и да прокоментирам дел од големите небулози на напишаното по курирските портали но и за тоа како течеа работите.
Музичкото училиште „Сергеј Михајлов“, пред крајот на минатата година, го најави својот традиционален Новогодишен концерт. За само еден ден 616 билети за 616 седишта колку што има големата сала во Домот на културата беа распродадени. Училиштето донесе одлука за уште еден концерт кој одеше два часа пред вечерниот. За три дена и за тој концерт снема влезници. На плакатот на влезната врата во Домот на културата пишуваше – Распродадено!
Јавно ги прашувам куририте кога некогаш на културен настан во Скопје виделе плакат за концерт на класична музика на кој пишува распродадено? Концерт кој го проследите над 1.800 лица? И зошто тоа, меѓу другото, не беше доволен предизвик за нив да напишат нешто на оваа тема?
Симон Трпчески, на кое име се залепија куририте зашто да беше друг културњак во прашање галама немаше да има, не беше најавен како гостин. Јас знаев дека дека тој ќе отсвири нешто на крајот од концертот, но за јавноста тоа беше голема тајна, изненадувањето кое го приреди организаторот, а тоа е Музичкото училиште.
Започна концертот. Големата сала при Домот на култура повеќе од десет години нема греење. Информациите беа дека во време кога власта во државата ја имаа куририте некој ги украл сите радијатори!? Затоа организаторот си донесе два топа но тие мали грејни тела толкав простор не можеа да згреат ни под разно. На сцената имаше 240 учесници-ученици од Музичкото. Преубава глетка, сите во салата се чувствувавме како да сме во светски културен центар, небаре во Њујорк. Толку силна и така волшебна беше таа убавини. Слушавме прекрасни музички, хорски и соло изведни, видовме тројца прекрасни диригенти, слушнавме преубав говор на директорот на училиштето м-р Горан Кавраков.
По 80 минутен концерт се наближи крајот. Тогаш беше најавено изненадувањето во присуството на Симон Трпчески. Сала експлодира. Симон беше дочекан со големи овации. Во миг се создаде една синергија помеѓу уметникот и околу 700 гледачи во салата. Прекрасно! По овациите кои траеја неколку минути Симон го зеде микрофонот. Ја поздрави публиката и упати критика за состојбата во која се наоѓа Домот на култура во Штип. Дел од неговата критика беше што во домот немало вц хартија, а најголем дел во критичкиот осврт посвети на студенилото во салата.
И за сé беше во право. Тука забелешка нема. Дури мислам дека беше крајно време некој јавно тоа да го каже. А штом уметник од формат на Трпчевски тоа го кажува, тука е и тежината на кажаното.
Потоа Симон седна зад клавирот и отсвири една композиција придружуван од музичкиот состав на училиштето. Настапот зад клавирот му траеше пократко од времето потрошено за говорот и критичкиот осврт за студената сала. Но, тоа си е до него.
Сепак, тука, не ли, секогаш се куририте. Да додадат неколку пикантни зачини во мрсната манџа на нивната политичка кујна. Со идеја, намера и болна надеж дека ќе освојат некој политички поен за своите политички господари.
Но, тие дебело ја утнаа работата.
Напишаа:
-Симон дојде на најавениот концерт. И додадоа: свиреше со филхармонијата!
-Симон го прекинал концертот поради студената сала. И слични глупости.
Симон во Штип не дојде на свој концерт. Уште помалку на најавен. Во Штип, таа ноќ, немаше никаква филхармонија. Имаше само ученици музичари, професори диригенти.
Таа ноќ Симон не прекина никаков концерт. Уметникот си го отсвири своето за кое анонимно беше дојден, отсвири само една композиција, стана од столчето, длабоко се поклони пред публиката, доби уште еден громогласен аплауз, а притоа не кажа дека нешто прекинува.
Некои во салата рекоа дека Трпчески одржал политички говор во полза на партијата на куририте од која добил државна пензија. Дека од своите политички ментори во Штип добил насока како да го употреби своето големо уметничко име во полза на една партија. Не ја спореа вистината за кажаното, но потенцираа дека, кога веќе сакал да каже нешто на оваа тема да се нформирал и јавно да нотирал дека сите радијатори од домот биле украдени во време кога на власт беше омилената партија на куририте за која уметникот се врзува.
Може и да е така, но мојата мисла ме води кон нешто друго. Имено, јас лично мислам дека уметникот, со својот говор, кажа една вистина која само може да му помогне на Домот на културата во Штип и во сите други градови каде состојбата е таква, да се средат работите. Луѓето на квалитетни културни настани да не седат во дебели капути, децата и младите изведувачи на сцената да не фатат грип, а иституциите од облата на културата да имат квалитетни услови, меѓу кои и квалитетно греење.
Уште едно потсетување до куририте. Дојдете барем, еднаш во Штип, распрашајте се за проблемот, проследете еден концерт на Музичкото…
Тогаш нема во прекрасниот букет цвеќе (концертот) да го видите малиот трн (студената сала) кој бодејќи ви ги очите ви предизвика слепило што јасно се гледа од секој ваш напишан и објавен ред, од сите ваши небулози и невистини кои ги изнапишавте по тоа куририте и тоа 20 дена после одржувањето на концертот.
Иван Бојаџиски