Хамас ја осуди одлуката на Израел да го одложи ослободувањето на затворениците, негира дека церемонијата за предавање е понижувачка

Хамас во неделата ја осуди одлуката на Израел да го одложи ослободувањето на палестинските затвореници и притвореници, велејќи дека тврдењата дека церемониите за предавање на заложниците се понижувачки се лажни и се користат како изговор за избегнување на обврските на Израел од договорот за прекин на огнот во Газа, јавува Ројтерс.

„Одлуката на премиерот Бенјамин Нетанјаху одразува намерен обид да се наруши договорот, претставува јасно кршење на неговите услови и покажува недостиг на сигурност во спроведувањето на своите обврски“, рече Езат Ел Рашк, член на политичкото биро на Хамас.

Израел претходно соопшти дека го одложува ослободувањето на стотиците палестински затвореници што планираше да ги ослободи претходниот ден, додека Хамас не ги исполни своите услови, нагласувајќи ја кревкоста на договорот за прекин на огнот во Газа. Канцеларијата на Нетанјаху објави соопштение денеска во раните утрински часови во кое се вели дека Израел ќе чека да ги испорача 620-те палестински затвореници и притвореници додека не се увери во ослободувањето на следните заложници без понижувачки церемонии.

Најавата на Израел, дојде откако палестинската милитантна група во саботата предаде шест заложници од Газа како дел од размената договорена според примирјето. Хамас ги тера заложниците да се појават на сцена пред толпа луѓе и понекогаш да зборуваат, пред да бидат предадени. Ковчези со останки од заложници исто така некогаш се носат низ толпа.

Ел Рашк од Хамас рече дека церемониите не вклучуваат навреда за заложниците, туку го одразуваат хуманиот и достоинствен третман кон нив, додавајќи дека вистинската навреда е она на што се изложени палестинските затвореници за време на процесот на ослободување. За претставникот на палестинската милитантна група врзувањето раце и очи на палестинските затвореници и заканите да не одржуваат никакви прослави за нивното ослободување, се примери за понижување од страна на израелските власти.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе