Штип, 27.07.2017
Новинарите во источниот, североисточниот и југоисточниот регион работата ја обавуваат во крајно лоши, речиси мизерни услови. Тоа е така од финансиски аспект, од аспект на (не)почитувањето на работно време, на финансискиот надомест за нивниот физички и интелектуален труд…
Ова беше констататирано на денешната дебата во Штип на која беше промовирана брошурата под наслов „Социо-економската положба на новинарите од Источна Македонија“, спроведена од Здружението „Младински клуб“-Штип. Истражувањето и работата на брошурата траеше шест месеци, а автори на истото се новинарите Тони Михаилов, Игор Сојанов и Иван Бојаџиски.
„Истражувањето ни покажа дека речиси и нема новинар во овие три региони во кои живеат 526.866 жители, кој добива платен годишен одмор или слободни денови или финансиски надомест за работата за време на празник или викенд. Дури 54,2 проценти од новинарите земаат плата од 11.000 до 16.000 денари, а 11,9 проценти од новинарите добиваат плата од 8.000 до 10.000 денари. Само 10,2 проценти од новинарите имаат плата во висина на просечната месечна плата во државата. Редовна плата и уплата на придонеси имаат само 47,5 проценти од новинарите. Тие работат значајни прилози за кои добиваат „фрапантни“ 200 денари од објавен прилог, а најголем број од нив мора да работат и друга работа, во и вон професијата за да можат да преживеат“, рече Игор Стојанов.
Каков е односот на државните јавни сервиси, МРТВ и агенцијата МИА кон тнр. „надворешност“, таква е севкупната медиумска ситуација, смета Тони Михаилов.
„Во регионот кој е предмет на ова истражување (Радиодифузни региони Д2, Д3 и Д4) МРТВ има само 3 дописника, а МИА има ангажирано седум дописници од кои само едно лице е во редовен работен однос. МРТВ има 35 возила а ниту едно за дописниците од регионот, па и овие тројца дописници мора да се снаоѓаат со превоз ако редакцијата ги прати на задача во место надвор од нивното живеење. Така, дописникот од Струмица ги „држи“ и Радовиш, Дојран, Валандово, Гевгелија и Богданиц и до нив треба да стигне пеш или како ќе се снајде. Тоа говори дека МРТВ , всушност, не го покрива регионот со новинари-дописници, со што најголема штета им се нанесува на граѓаните од овие подрачја кои не можат да слушнат или видат некоја информација која е од нивното подрачје иако и тие како и сите други плаќаат радиодифузна такса“, рече Михаилов.
Според Иван Бојаџиски, состојбата на која тие како истражувачки тим наишле во медиумите кои се во општините лево од реката Вардар (од Крива Паланка до Гевгелија, од Пробиштип и Штип до Берово) била најлоша до сега во неговата полувековна новинарска кариера.
„Имаме медиуми во кои новинари со месеци не земале плата. Имаме медиуму во кои новинарите се и камермани, монтажери и слично. Наидовме на медиуми во кои најголем успех на новинарите е ако можат да си најдат работа надвор од професијата, по можност во државни институции или како ПР агенти во некоја добростоечка фирма. Но, нашиот проблем е во нашето несакање да застанеме едни зад други, да бидеме солидарни кога некому му е тешко, кога не добива плата, нема здравствено и пензиско осигурување, кога работи 24/7 а добива плата помала од работници во индустрии за кои секој ден новинарот пласира жалопојни приказни. Се додека еден убав ден не си речеме – доста е – прекинуваме сите до еден со работа, нашата позиција нема да се измени“, констатира Бојаџиски.
Планирано е ова истражување да биде презентирано во Клубот на новинари во Скопје, во Куманово, Делчево-Берово, во Кочани-Виница и во некои други места во кои функционираат медиуми.