Штип, 07.11.2018
Денес пред некогашната управна зграда на некогашниот конфекциски гигант Модната конфекција „Астибо“ беше откриена спомен биста на Михајло Нетков, нејзин архитект и стратег во развојот на конфекциската индустрија во регионот.
Целата оваа идеја е осмислена од Венцислав Филипов, сопственик на Астибо Фешн Груп, човекот кој со неа се носеше подолго од три години. –„Да не беше Михајло Нетковн немаше да го имаме овој текстилен гигант кој во годините на бившата држава стана Југословенски бренд во производството на модна конфекција. Нетков беше човек со визија, еден генијален стратег кој знаше да направи тим, да создаде сопствено производство ценето во цела Европа, да отвора нови и нови погони и да вработува илјадници лица. Во име на неговото големо дела за Штип и за македонската економија, се решив на чинот за ставање на негова спомен биста пред зградата во кој тој со соработнците помина години во планирање и остварување на една голема работа“, рече Филипов.
На церемонијата присуствуваа и дел од семејството на покојниот Нетков, неговата ќерка и сестра му Марија. Сопругата Бранка, поради нарушено здравје, не беше присутна на настанот но со јавно писмо му се заблагодари на Венцислав Филипов за донаторството.
Михајло Нетков овој свет го напушти пред точно 35 години, односно во 1983 година, која се смета за една од клучните години на големата штипска политичка пресметка, за што авторот на овој текст ќе пишува во некоја друга прилика.
Како човек кој имаше долгодишна соработка со Нетков, можам да посведочам дека се работеше за ретка личност од светски формат во секоја смисла на тој збор. Беше интелигентен, луциден, авторитетен, човечен, начитан, неверојатен организатор, беше човек со инстинкт да направи победнички тим…Неговата социјална политика, односот кон вработените, солидарноста, платите, стандардот на работниците од тоа време е нешто кое денес не може ниту да се замисли и е во сферата на научната фантастика. Не му беше тешко во реткото слободно време да посети семејство на вработени во „Астибо“, да испие кафе со домакините, да си помуабети, да добие информација од прва рака за тоа што мислат „неговите“ работници. Тој го измисли ударништвото како форма на признавање на резултатите на секој поединец.
А тие, работниците, го сакаа и го почитуваа, длабоко му веруваа и со својот труд му помагаа нему, а и на себе „Астибо“ да биде големо име во светот на бизнисот кое се изговара со респект. Нетков е човекот кој гледајќи сто години пред своето време го освои модниот свет со разновидноста на конфекциското производство, и прв го употреби лавот на еден македонски производ, на производ на „Астибо“.
А сега и нешто лично.
Тоа што денес сум новинар, и што во професијата останав цели 55 години му го должам токму на него. На Михајло Нетков. Кога во 1960 година требаше да си одам од Штип за Виница за каде имав покана да бидам учител во едно село, јас отидов кај него да си го земам хонорарот од весникот на Текстилното училиште кој излегуваше како подлисток во фабричкиот весник на „Македонка„ каде тој имаше одговорна позиција. Наместо парите Нетков ми врачи решение за професионален новинар во фабричкиот весник порачувајќи ми: „Каков учител, ти си роден за новинар тоа ќе бидеш и ништо друго“….Со овој дел од мојот животопис само сакам да укажам колку тој умееше да препознае талент кај некои луѓе, да им даде шанса, да ги мотивира. Резултат на таквото негово визионерство беше изборот на исклучителниот кадар кој го имаше МК „Астибо“.
Михајло Нетков беше идеен творец и на филозофијата за дислоцирани погони надвор од Штип. Таа негова идеја овозможи отворање на дисплоцирани погони во Берово, Делчево, Виница, Пробиштип, Кратово, Македонски Брод, Радовиш, Македонска Каменица…Во Штип и во овие фабрики имаше 4.500 вработени.
Зад Нетков останаа големо дело кое и денес е видливо и со голо око. Останаа фабрики и хали со вкупна површина од 35.000 метри квадратни изградени на простор од 55.000 метри квадратни. По распадот на Југославија и создавањето на самостојната македонска држава овој скапоцен простор не се распадна. Се подели, се купи од нови менаџери и остана да служи за стопанската гранка зза која беше граден.
Познат е службениот факт дека Михајло Нетков во 1983 година се самоубил во неговиот кабинет, но во јавноста имаше и други информации кои одеа против ваквото тврдење за неговото заминување на оној свет. Се говореше дека тој тогаш оставил две писма, едно до СВР Штип, а другото до семејството. Дали се работеше за самоубиство и дали постојат писмата кои се споменуваа(т) и до кога ќе има тајност врз нивната содржина не е познато. Тоа го знаат само неговото семејство кое остана без една исклучителна личност и полицијата која има некој временски рок во кој не смее тајната да ја открива. Во секој случај со отворањето на спомен бистата тој останува да сведочи за своето време и своето остварување и за многу години кои се пред нас.
Иван Бојаџиски